Скап леб, неискористени душеци и милионска опрема што не е заведена во евиденцијата се дел од неправилностите што ги утврдил Државниот завод за ревизија во работењето на студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје.
Ревизорите особено го издвојуваат начинот на кој бил набавуван лебот. Со договорот склучен во 2025 година, цената достигнала 126 денари за килограм, додека во истиот период пазарната цена била околу 70 денари. Според ДЗР, ова укажува на неекономично користење на јавните средства и слабости во контролата на постапките за јавни набавки.
Проблеми биле констатирани и кај набавката на душеци. Студентскиот дом набавил 250 душеци во вредност од 1,174 милиони денари, но нивните димензии не соодветствувале со техничката спецификација. За приемот на душеците немало соодветна документација, а до моментот на ревизијата тие воопшто не биле ставени во употреба.
Ревизорите забележале дека претходно, од истиот добавувач, биле набавени уште 450 душеци, иако постојните, според утврденото, биле во добра состојба. Дополнително, креветите во домот биле со помали димензии од душеците, што ја нарушувало нивната стабилност.
Неправилности се констатирани и при набавките на свежо месо, месни преработки, риба и земјоделски производи. Во повеќе постапки била доставена само една понуда, а договорите биле склучувани до целосниот износ на проценетата вредност, без однапред да бидат определени конкретните количини што ќе се набавуваат.
Кај производите кои редовно биле набавувани, ревизорите утврдиле понудени цени повисоки од пазарните. Од друга страна, за артикли кои практично не се набавувале биле прикажувани нереално ниски цени. Констатирани биле и случаи на надминување на договорените вредности.
Особено сериозна е забелешката во однос на имотната евиденција. Во евиденцијата на студентскиот дом не била заведена опрема со вкупна вредност од 21,563 милиони денари.
Дополнително, за дел од кујнската опрема која била платена од надлежното министерство, ревизорите не можеле да утврдат дали таа воопшто била примена во студентскиот дом.
Наодите на ДЗР укажуваат на сериозни слабости во управувањето со јавните средства, јавните набавки, приемот на опремата и водењето на евиденцијата во студентскиот дом „Пелагонија“.