Заштитата на куќите и викендичките од шумски и полски пожари мора да започне пред огнот да стигне до нив, порача директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и раководител на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Тој ги повика сопствениците на напуштени куќи во селата и на викендички кои ретко ги посетуваат да ја исчистат околината и да направат противпожарни пресеки со широчина од околу десет метри, зависно од вегетацијата околу објектите.
Ангелов нагласи дека превенцијата е особено важна во услови на сè почести суши и високи температури, кои според него создаваат услови пожарите во иднина да се појавуваат почесто.
„Со години наназад го упатувам овој апел: исчистете ги вашите дворови. Исчистете ја околината на вашите викендички и куќи. Само така ќе бидете сигурни дека пожарот нема да ги запали доколку стигне до вашата куќа или викендичка“, рече Ангелов.
Тој упати апел и до локалните власти, навреме да преземат превентивни мерки околу селата и осамените објекти, дури и кога во непосредна близина нема активен пожар.
Според него, локалните самоуправи треба да обезбедат механизација и да направат заштитни појаси околу ризичните објекти.
„Најдете трактор, најдете булдожер и изорајте околу нив. Така ќе ни помогнете нам“, порача Ангелов.
Како пример за оптоварувањето на службите, тој го посочи Мариовско, каде што значителен дел од ресурсите во моментов се ангажирани на заштита на објекти кои се наоѓаат во близина на пожарите.
„Ние во Мариовско ги трошиме ресурсите штитејќи четири манастири и неколку пчеларници. Вчера спасивме возило коешто некој го оставил, го заклучил и побегнал. Ние спасивме возило од неколку илјади евра, но направивме значително поголеми трошоци“, рече тој.
Ангелов ги демантираше и информациите дека во мариовското село Чаниште изгорел голем број куќи. Според него, станува збор за неколку, односно можеби десетина стари и напуштени објекти.
Како еден од проблемите тој ја посочи густата вегетација околу напуштените селски куќи, но и човечкиот фактор. Пожарите, како што рече, најчесто се последица на невнимание, но има и случаи за кои постојат сомневања дека се намерно предизвикани.
Меѓу можните мотиви ги наведе и одмаздата, како и намерното палење шуми со цел подоцна дрвната маса да се продава или сече по пониска цена.
Ангелов посочи дека докажувањето на намерното предизвикување пожари е тешко бидејќи сторителите често ги уништуваат трагите заедно со пожарот.
Тој како пример го наведе Македонски Брод, каде што, според него, постојат сомневања дека пожар бил повторно предизвикан од лице кое претходно било во притвор.
Во меѓувреме, надлежните служби продолжуваат со ангажманот на терен. Ангелов информираше дека се прифаќа и помош од доброволци, но тие треба да бидат соодветно обучени и, по можност, да доаѓаат од локалното население кое добро го познава теренот.
Во текот на вчерашниот ден биле регистрирани 35 пожари на отворен простор. До 13 часот денеска биле регистрирани 12 пожари, од кои четири биле изгаснати, а осум останале активни.
Ангелов предупреди дека бројот на пожарите во текот на денот може значително да се зголеми, особено во периодот од 12 до 16 часот, кој го оцени како најризичен дел од денот.
Како најголем предизвик го посочи пожарот во Мариовско, а активни пожари има и во реонот на Студеничани, Драгов Дол, Тајмиште, Караслари, Кучкарево, Градиште, Белушино, Јакреново и Никуштак.