Нелегалната експлоатација на минерални суровини во близина на изворите за вода во струшкото село Шум довела до сериозно нарушување на квалитетот на водата што се користи за снабдување на Струга. Поради случајот, ОВР Струга поднесе кривична пријава против две лица и едно правно лице од струшко.
Пријавени се Х.М. (50) и Н.К. (54), двајцата од селото Велешта, како и правен субјект од истото село. Тие се сомничат за сторени кривични дела „узурпација на недвижности“, „незаконита експлоатација на минерални суровини“, „предизвикување опасност при градежни работи“ и „загадување вода за пиење“.
Според пријавата, на повеќе катастарски парцели, дел во приватна, а дел во државна сопственост, бил вршен ископ и експлоатација на минерални суровини без важечки договор за концесија.
Особено сериозен е фактот што активностите се одвивале во непосредна близина на изворите во Шум, од каде Струга се снабдува со вода за пиење.
Како последица од ископите, дошло до загадување и заматување на водата, при што вредностите, според надлежните, биле повеќе од 30 пати над дозволеното ниво.
Поради нарушениот квалитет на водата, следел и долготраен прекин во водоснабдувањето. На граѓаните им било забрането да ја користат водата за пиење, но и за одржување на личната хигиена и хигиената на рацете.
Случајот сега е предмет на постапување на надлежните институции, а против пријавените ќе се утврдува нивната одговорност за незаконските ископи и последиците врз водоснабдувањето на Струга.