Македонија

Ангелов: Водата во Гостивар е безбедна, грижата за квалитетот сега е на локалната власт

Ангелов: Водата во Гостивар е безбедна, грижата за квалитетот сега е на локалната власт

Кризната состојба на територијата на Општина Гостивар истече синоќа, а според последните анализи, водата за пиење е чиста и безбедна, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Со престанокот на кризна состојба, институциите од централната власт постепено се повлекуваат од активностите поврзани со контролата и следењето на квалитетот на водата во Гостивар.

Меѓу институциите кои се повлекуваат е и Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје, кое беше вклучено во активностите за следење и обезбедување на квалитетот на водата.

Ангелов посочи дека од овој момент локалната власт и Општина Гостивар треба да преземат целосна грижа за квалитетот на водата, со цел таа и понатаму да биде безбедна за граѓаните.

„Според последните анализи, водата е чиста и безбедна за пиење“, истакна Ангелов, упатувајќи апел до локалната самоуправа да продолжи да се грижи за квалитетот на водата.

Тој порача дека гостиварчани треба и понатаму да имаат пристап до чиста и безбедна вода за пиење, а одговорноста за одржување на квалитетот по истекот на кризната состојба е во рацете на локалните институции.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни