Македонија

Од септември ново правило за Google услугите во Македонија – кој ќе плаќа 18% ДДВ?

Од септември ново правило за Google услугите во Македонија – кој ќе плаќа 18% ДДВ?

Корисниците во Македонија кои плаќаат Google услуги наскоро ќе се соочат со нов начин на пресметување на данокот. Од 1 септември 2026 година, Google ќе започне да пресметува и наплаќа македонски ДДВ за своите платени услуги, при што ќе се применуваат стапки од 18% или 5%, зависно од конкретната услуга и нејзиниот даночен третман.

Промената особено ќе ги засегне компаниите кои користат услуги како Google Workspace, Google Ads, Google Cloud, но и други дигитални производи на компанијата.

Од Google ги известуваат деловните корисници во Македонија дека треба да ги проверат своите податоци во Google Payments и, доколку се регистрирани како даночни обврзници, да го внесат својот македонски даночен идентификациски број – TIN.

Овој податок ќе му овозможи на Google правилно да го утврди даночниот статус на корисникот и да го примени соодветниот даночен третман при фактурирањето.

За корисниците, клучното прашање е дали новата обврска автоматски ќе значи и 18 проценти повисока цена на услугите.

Кај физичките лица и другите корисници кај кои се применува стандардната стапка, ефектот може да биде директен. Така, услуга која чини 100 евра без ДДВ, со примена на стапка од 18 проценти би чинела 118 евра со вклучен данок.

Кај компаниите, пак, ситуацијата може да биде различна. Доколку станува збор за регистриран ДДВ обврзник кој ги исполнува условите за признавање на претходен данок, платениот ДДВ не мора да претставува конечен трошок од 18 проценти. Конечниот даночен третман ќе зависи од статусот на компанијата, видот на услугата и документот што ќе го издаде Google.

За фирмите кои немаат право на одбивка на претходниот ДДВ, данокот може да претставува дополнителен реален трошок.

Промената не се однесува само на деловните услуги. Google најавува дека од истиот датум ќе ја преземе пресметката, наплатата и уплатата на 18 проценти ДДВ и за платени апликации и купувања во апликации преку Google Play направени од корисници во Македонија.

Во македонската даночна регулатива веќе се опфатени услугите што се обезбедуваат по електронски пат. Во оваа категорија спаѓаат различни дигитални услуги, меѓу кои софтвер и негово ажурирање, веб-хостинг, одржување на програми и опрема од далечина, бази на податоци и дигитална содржина.

Од 2024 година постои и обврска за странски компании кои немаат седиште или подружница во Македонија, а остваруваат промет кој подлежи на ДДВ, да се регистрираат за даночни цели и да назначат даночен застапник.

За македонските компании кои користат платени Google услуги, практично најважно е пред 1 септември да проверат дали нивниот Google Payments профил е поставен како деловен и дали се внесени точните даночни информации.

Новото правило доаѓа во период кога домашните компании сè повеќе користат услуги од странски технолошки компании – од cloud инфраструктура и SaaS платформи до онлајн рекламирање, деловен софтвер, хостинг и AI алатки.

Токму поради растот на дигиталната економија, ваквите услуги стануваат сè позначаен дел од даночниот систем.

Промените во даночниот третман на дигиталните услуги се дел од поширок тренд на изедначување на условите за домашните и странските даватели на услуги. Во 2025 година, на пример, беше укинато и ДДВ ослободувањето за онлајн пратки до 22 евра, со образложение дека треба да се создадат пофер конкурентски услови за домашните компании.

Оттука, новото правило на Google не значи само промена на изгледот на фактурата. За дел од корисниците може да значи и повисока конечна цена, додека за ДДВ обврзниците даночниот ефект ќе зависи од можноста за признавање на претходниот данок.

Компаниите затоа треба навреме да ги проверат своите Google Payments профили и со своето сметководство да утврдат како ќе се евидентираат новите фактури и каков ќе биде нивниот конкретен ДДВ третман.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни