Наместо да плати 460 денари за наводна сообраќајна казна, 44-годишен жител на Неготино останал без речиси 27 илјади денари од банкарската сметка. Тој бил измамен преку лажна СМС-порака во која стоело дека сторил сообраќаен прекршок и дека може да ја плати глобата со попуст.
Случајот бил пријавен на 19 август во 14:50 часот во Општинското одделение за внатрешни работи Неготино.
Според пријавеното, Неготинецот добил порака на мобилниот телефон со известување за наводен сообраќаен прекршок. Во неа биле наведени инструкции за плаќање на глоба од 920 денари, со напомена дека при итно плаќање сумата се намалува за 50 проценти, односно треба да се платат 460 денари.
Верувајќи дека станува збор за вистинско известување, тој го следел линкот и ги внел бараните податоци, при што ја употребил платежната картичка на неговата сопруга.
Откако ја завршил постапката, првично добил известување дека трансакцијата е успешна. Но, набргу потоа пристигнала и друга порака од банката. При проверката на состојбата на сметката, тој забележал дека наместо 460 денари, од сметката биле повлечени 26.908 денари.
Случајот е пријавен во полиција, а од ОВР Неготино преземаат мерки за расчистување на измамата и откривање на сторителите.
Од МВР повторно предупредуваат дека граѓаните треба да бидат особено внимателни со пораки во кои се бараат банкарски или лични податоци. Полицијата апелира да не се отвораат сомнителни линкови и да не се внесуваат податоци од платежни картички на непроверени интернет-страници.
Од МВР нагласуваат дека не испраќаат СМС-пораки со известувања за сообраќајни казни и линкови преку кои директно може да се изврши онлајн плаќање.