Македонија

МВР: Ако забележите полициски хеликоптер, веднаш приземјете го дронот

МВР: Ако забележите полициски хеликоптер, веднаш приземјете го дронот

Поради зголемениот број летачки активности и интензивниот ангажман на хеликоптерите во гасење пожари, извидување и други оперативни задачи, Министерството за внатрешни работи упати предупредување до сите оператори на дронови да бидат особено внимателни и доследно да ги почитуваат правилата за безбедно користење на воздушниот простор.

Од МВР посочуваат дека поради итноста на дел од интервенциите, особено при пожари, не може секогаш однапред да се предвиди каде, кога и по која маршрута ќе се движат полициските хеликоптери.

Затоа, лицата кои немаат законски услови, потребни одобренија, регистрации или сертификати, кога тие се задолжителни, не смеат да управуваат со дронови спротивно на прописите.

Операторите кои ги исполнуваат законските услови, пак, се должни летовите да ги вршат согласно воздухопловните правила, ограничувањата на воздушниот простор и условите утврдени од надлежните органи. Кога е потребно, тие треба да ги направат и соодветните најави и координации со службите за контрола на летањето.

Од МВР со посебен апел до операторите: доколку забележат или слушнат полициски хеликоптер во близина, веднаш и без одлагање безбедно да го приземјат дронот.

Во ниту еден случај дронот не смее да се насочува кон хеликоптерот, да му се приближува, да го следи или да го снима од непосредна близина.

Од Министерството предупредуваат дека дрон во оперативната зона на хеликоптер претставува сериозна опасност за безбедноста на летот. Евентуален судир може да предизвика оштетување или губење на контролата над хеликоптерот и да ги загрози животите на екипажот, како и на луѓето и имотот на земја.

Ризикот е особено висок при гасење пожари, кога хеликоптерите летаат на ниски височини, а условите дополнително се отежнати поради чад, намалена видливост и турбуленција.

Од МВР посочуваат дека присуството на дрон во оперативната зона може да доведе и до прекин или одложување на летачките операции. Тоа, пак, може да ја намали ефикасноста на интервенцијата и дополнително да ги загрози населението, пожарникарите, имотот и природните ресурси.

Министерството најавува дека ќе презема мерки за утврдување на идентитетот и одговорноста на лицата кои со незаконско или небезбедно управување со дронови ја загрозуваат безбедноста на воздушниот сообраќај и полициските воздухоплови.

За непочитување на законските обврски и постапување со кое се создава опасност за воздухоплови, екипажи или други лица, може да следуваат прекршочни, а во случаи предвидени со закон и кривични мерки. Од МВР информираат дека за слични случаи надлежните служби веќе постапуваат.

Од Министерството апелираат до граѓаните и операторите на дронови да покажат максимална одговорност, особено во периодот на засилени активности поврзани со пожарите.

„Безбедноста на екипажите кои секојдневно се ангажирани во заштита на граѓаните и справување со пожарите мора да биде заедничка одговорност на сите“, порачуваат од МВР.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни