Во Македонија во текот на 2025 година се регистрирани 546 смртни случаи како последица на насилна смрт, што е зголемување од 6,8 проценти во споредба со претходната година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Насилната смрт учествува со 2,7 проценти во вкупниот број на починати лица во земјава. И во 2025 година, како и во претходните години, значително поголем дел од жртвите биле мажи.
Од вкупно 546 починати лица од насилна смрт, 374 биле мажи, односно 68,5 проценти, додека 172 биле жени, што претставува 31,5 проценти.
Најголем дел од смртните случаи се последица на несреќи. Тие опфаќаат 449 лица или 82,2 проценти од вкупниот број случаи на насилна смрт.
Следуваат самоубиствата, со 81 смртен случај, односно 14,8 проценти од вкупниот број, додека во 2025 година се регистрирани 16 жртви на убиства, што претставува 2,9 проценти од насилните смртни случаи.
Во категоријата несреќни случаи, најголемо учество имаат смртните случаи предизвикани од други надворешни причини за случајна повреда, кои сочинуваат 43,4 проценти од вкупниот број насилни смртни случаи.
Кај самоубиствата, најголемо учество имаат случаите кај кои смртта настапила поради бесење, странгулација и суфокација, со учество од 7,1 процент во вкупниот број случаи на насилна смрт.
Кога станува збор за убиствата, најголемо учество имаат случаите во кои смртта настапила при обид за нанесување телесна повреда со истрел од друго или неозначено огнено оружје. Тие сочинуваат 1,5 процент од вкупниот број случаи на насилна смрт.
Податоците покажуваат дека најголемиот дел од насилните смртни случаи во земјава и натаму се поврзани со несреќи, додека самоубиствата и убиствата заедно сочинуваат значително помал дел од вкупниот број.