Македонија

Пожарите не стивнуваат: Над 15 огнени жаришта низ земјава, четири големи

Пожарите не стивнуваат: Над 15 огнени жаришта низ земјава, четири големи

Пожарите и натаму се активни на повеќе локации низ земјава, а четири од нив се оценети како големи. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информира дека надлежните екипи се ангажирани на терен и дека дел од најкритичните жаришта се ставени под делумна контрола.

Најголем пожар и натаму е оној во Мариовскиот регион, на територијата на општините Прилеп и Битола. Според Ангелов, состојбата е подобрена, особено во делот кон магистралниот пат Прилеп–Битола.

Кракот кој се движи над селото Крушевиште е значително намален, но постои можност во вечерните часови да се приближи кон селото. На терен се локалните пожарникари, тимовите за брз одговор на ДЗС и четири огнени тимови со специјални возила.

Околу Крушевиште се направени противпожарни пресеки во должина од еден до два километри, кои треба да го спречат ширењето на огнот кон населеното место. Ангелов посочи дека тоа е значително пократка линија во споредба со претходната, која била долга повеќе од 25 километри.

Од другата страна на пожарот, кон патот Прилеп–Битола, состојбата е значително подобрена. Прилепските пожарникари, со поддршка на доброволци од Битола, успеале да изгаснат повеќе километри огнена линија на планински и тешко пристапен терен.

Во моментов останува активен еден крак кој се движи кон селото Бонче, но според Ангелов, селото не е загрозено бидејќи на теренот се распоредени доволно сили.

Како втор голем пожар се издвојува огнот на територијата на општина Македонски Брод, над селото Драговдол. Пожарот трае веќе неколку дена, а на терен е активиран модулот за шумски пожари на ДЗС, составен од 25 доброволни пожарникари и пет оперативци.

И овој пожар е значително намален, но гаснењето го отежнува исклучително непристапниот терен, каде што на одредени места не може да се стигне ниту пеш, ниту е можно ефикасно дејствување од воздух.

Активен е и пожарот на територијата на општина Студеничани, кој се движи кон Китка. По утринското хеликоптерско извидување, „ер тракторите“ во два налета исфрлиле околу 20 тони вода. Според Ангелов, постои можност пожарот целосно да биде изгаснат, а доколку остане активен, огнот би бил ограничен на една точка.

Дополнително, активен е и пожарот кај Липково, кој вчера избувна над селото Никуштак, а сега се движи кон Матејче и манастирот над селото.

На терен се четири возила „пинцгауер“ на ДЗС, додека кумановските пожарникари исто така се ангажирани во гаснењето. Како превентивна мерка, распореден е и БТР на ДЗС со резервоар од шест тони вода, во случај огнот да се приближи до првите куќи во Матејче.

Ангелов уверува дека во моментов селото не е загрозено и дека се преземени мерки за заштита на населението.

Останатите активни пожари во земјава, според ДЗС, се со помал обем.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни