Македонија

Сиљановска-Давкова до македонските спортисти во Таранто: Верувајте во себе и натпреварувајте се витешки

Сиљановска-Давкова до македонските спортисти во Таранто: Верувајте во себе и натпреварувајте се витешки

Македонските спортисти кои настапуваат на 20. Медитерански игри во Таранто добија поддршка од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која денеска го посети Медитеранското олимписко село и се сретна со македонската делегација.

Во обраќањето пред спортистите, Сиљановска-Давкова порача дека спортот не е само борба за резултат, туку и начин преку кој се градат карактерот, истрајноста и одговорноста. Таа истакна дека спортските успеси придонесуваат и за јакнење на колективниот и националниот идентитет.

Претседателката им порача на македонските натпреварувачи да имаат доверба во своите способности и да го дадат максимумот на спортските терени, нагласувајќи дека вистинската вредност на победата се гледа кога е постигната преку фер и достоинствена борба.

„Верувајте во себе, докажете ја својата спортска посветеност, искористете ја младешката енергија и натпреварувајте се витешки“, им порача Сиљановска-Давкова на македонските спортисти.

Таа посочи дека Таранто во овие денови е голема спортска сцена на која македонските претставници имаат можност достоинствено да ја претстават државата и да ја покажат својата борбеност и спортски дух.

Според претседателката, Медитеранските игри се можност и за промоција на спортските вредности и за развој на спортската дипломатија, бидејќи спортот ги поврзува младите и ги надминува разликите меѓу нив.

Од Олимпискиот комитет ја информирале дека ова е четврто учество на македонски спортисти на Медитеранските игри од осамостојувањето на државата, а Сиљановска-Давкова е првиот претседател на Македонија што присуствува на ова натпреварување.

Оваа година Македонија настапува со најбројната делегација досега. Таа брои 130 членови, од кои 88 се спортисти, кои ќе се натпреваруваат во 19 спортски дисциплини, во индивидуални и колективни спортови.

На крајот од средбата, претседателката им посака успех на сите македонски претставници и ги повика со максимална посветеност, фер игра и борбеност да ја претстават земјата на медитеранската спортска сцена.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни