Македонија

85 години од „А бре Македонче“ – песната што стана симбол на македонскиот непокор и борбата за слобода

85 години од „А бре Македонче“ – песната што стана симбол на македонскиот непокор и борбата за слобода

Една од најпознатите и најемотивните македонски патриотски песни, „А бре Македонче“, одбележува 85 години од својата прва изведба. Создадена во виорот на Втората светска војна, песната прерасна во симбол на македонскиот непокор, борбата за слобода и националната припадност.

За првпат била изведена во 1941 година, во прилепското село Царевич, на територија ослободена од фашистичкиот окупатор, каде што македонските партизани ги поставувале темелите на народноослободителната борба.

Иако многумина ја сметаат за народна песна, „А бре Македонче“ има свои автори. Нејзиното создавање се поврзува со Крсте Црвенковски, писателот Коле Чашуле и музикологот Ордан Михајлоски-Оцка.

Песната настанала непосредно по историскиот 11 Октомври 1941 година, во периодот меѓу 23 октомври, кога бил формиран партизанскиот одред, и 8 ноември, кога во селото Царевич бил одржан првиот митинг на ослободената територија.

Тројцата партизани добиле задача да создадат песна што ќе го подигне моралот на борците, ќе ги охрабри во тешките моменти и ќе повикува на борба, слобода и победа.

Така се родила „А бре Македонче“, песна која со своите стихови и препознатлива мелодија станала дел од македонската историја.

Осум и пол децении подоцна, песната не ја изгубила својата моќ да разбуди силни емоции. Таа продолжува да се изведува на државни празници, свечености и културни настани, пренесувајќи ја пораката за слобода и припадност на новите генерации.

Низ годините добила бројни музички обработки и аранжмани, а своето место го нашла и во македонската кинематографија. Била дел од првиот македонски игран филм „Фросина“, како и од препознатливите телевизиски и радиопрограми.

Се проценува дека постојат дваесетина различни верзии на песната, што дополнително сведочи за нејзината популарност и значење.

Иако текстот низ децениите претрпел одредени мали измени, нејзината суштина останала непроменета – да го зајакнува духот, да потсетува на борбата за слобода и да го негува чувството на припадност кон Македонија.

Од партизанските редови во 1941 година, па сè до денешните генерации, „А бре Македонче“ останува дел од македонската музичка и историска меморија.

И по 85 години, нејзината најсилна порака продолжува да одекнува: „Македонско име нема да загине!“

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни