Краткиот попладневен одмор може да ве освежи и да ви ја врати енергијата. Иако дремењето звучи како одлична идеја кога попладне ќе почувствувате замор, прашањето е дали навистина ќе ве освежи или само ќе ве остави поспани и ќе ви го наруши ноќниот сон. Многу лекари се согласуваат дека секојдневниот попладневен одмор во многу случаи воопшто не е лоша навика, пишува „Eating Well“.
„Секојдневното дремење носи значителни придобивки за расположението, менталното здравје и физичките перформанси. Тоа лесно може да се постигне ако го искористиме делот од попладнето кога, поради природниот пад на будноста што го диктира циркадијалниот ритам, чувствуваме поспаност“, вели д-р Алисон Брејгер.
Сепак, некои лекари предупредуваат дека постојат ситуации во кои секојдневното попладневно спиење не е најдобра навика. Еве што треба да знаете за оваа практика – од придобивките до можните недостатоци.
Зошто попладневниот одмор е корисен?
Краткиот попладневен одмор може ментално да ве освежи. По будењето може да се чувствувате поенергично и поодморено, а можно е и полесно да се концентрирате. Истражувањата покажуваат и дека дремењето може да помогне во подобрувањето на физичките перформанси и закрепнувањето кај активните луѓе, како што се спортистите.
„Во раните попладневни часови нашиот циркадијален ритам природно забавува, што е сосема нормална појава поради која многумина се чувствуваат поспано, тромаво и помалку будно“, вели д-р Ерик Џоу. Тој истакнува дека дремењето може да биде исклучително освежувачко и да ви даде енергија за остатокот од денот.
Секојдневниот попладневен сон може да биде особено корисен доколку претходната ноќ не сте спиеле доволно.
„Дремењето е идеално за луѓето кои хронично не спијат доволно и треба да го надоместат недостатокот на сон“, додава Брејгер.
Истражувањата покажуваат дека попладневниот одмор може да помогне во регулирањето и подобрувањето на расположението. По дремката луѓето често се чувствуваат посреќно, имаат подобра самоконтрола и поголема истрајност.
Многу луѓе стануваат нерасположени или раздразливи кога не спијат доволно, па краткиот сон може да биде едноставно решение за намалување на раздразливоста.
Кога попладневниот одмор може да биде штетен?
Подолгото дремење обично не е добра идеја, освен кај луѓе како оние кои работат во смени, за кои 90-минутниот сон може да биде корисен.
Кога спиете меѓу 30 и 60 минути, може да навлезете во подлабоки фази на сонот, поради што по будењето може да се чувствувате поуморно отколку пред да легнете.
Освен тоа, дремењето во различно време секој ден може да го збуни вашиот внатрешен биолошки часовник. Организмот се потпира на постојани сигнали, меѓу кои времето на спиење и изложеноста на светлина, за правилно регулирање на циклусот на будност и сон.
Кога дремете во различни периоди, на телото му е потешко да предвиди кога треба да биде будно, а кога поспано, па може да имате проблеми со заспивањето во вообичаеното време.
Брејгер предупредува дека долгиот и доцен попладневен сон исто така може да биде проблем, бидејќи може да го отежне заспивањето или одржувањето на сонот во текот на ноќта.
Ако по секојдневното дремење се чувствувате подобро и тоа не влијае врз вашиот ноќен сон, нема потреба да ја прекинувате оваа навика, вели Џоу.
„Но, ако забележите дека поради попладневниот одмор имате проблеми со спиењето навечер, би било добро да размислите дали навистина ви се исплати“, додава тој.
Како правилно да дремнете?
Иако попладневниот сон може да биде корисен во многу ситуации, не треба премногу да се потпирате на него.
„Проблемот настанува кога некој мора да спие секој ден за воопшто да може нормално да функционира. Во таков случај, добро би било да побара совет од лекар“, вели Џоу.
За најдобар ефект, лекарите советуваат да поставите аларм и дремењето да трае околу 20 минути. На тој начин се зголемува будноста и енергијата, без да навлезете во подлабока фаза на сон.
Брејгер советува да избегнувате спиење по 14 или 15 часот, за да го зачувате квалитетот на ноќниот сон.