Наместо безбедно да ја напушти земјава, 35-годишен холандски државјанин бил лишен од слобода на граничниот премин „Табановце“, откако било утврдено дека со своето „Порше“ возел со 168 километри на час на делница каде максималната дозволена брзина е 80 км/ч.
Случајот бил откриен денеска (21 август) во 13:15 часот, кога полициски службеници на излез од Македонија извршиле проверка на патничко моторно возило „Порше“ со холандски национални ознаки, управувано од М.А. (35), државјанин на Холандија.
При проверката преку системот „Safe City“ било констатирано дека возачот е евидентиран како сторител на кривично дело по член 297-А од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.
Според податоците, тој со возилото се движел со брзина од 168 км/ч, иако на тој дел од патот максимално дозволената брзина е 80 км/ч.
Полициските службеници го лишиле М.А. од слобода, а против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.