Засилените сообраќајни контроли во Скопје продолжуваат, а при синоќешната акција полицијата санкционирала стотици возачи поради различни прекршоци. Посебен фокус бил ставен на мотоциклите, мопедите, трициклите и четирициклите.
Во периодот од 18:00 до 01:00 часот, екипи на Одделението за безбедност на патниот сообраќај и полициските станици при СВР Скопје спровеле засилена контрола, при што биле санкционирани вкупно 262 возачи.
Од нив, 102 мерки биле изречени на возачи на мотоцикли и мопеди. Најголем дел, односно 93 санкции, се однесувале на управување мотоцикл без заштитна кацига.
Полицијата изрекла и четири мерки за управување со несоодветна категорија, како и пет санкции за управување без положен возачки испит.
Останатите 160 санкции биле за различни сообраќајни прекршоци, меѓу кои неносење возачка или сообраќајна дозвола, неизвадени регистарски таблици, минување на црвено светло и други прекршоци.
Во текот на акцијата привремено бил одземен и еден мотоцикл поради истечена регистрација подолга од шест месеци.
Дополнително, шест лица биле лишени од слобода поради сомнение за сторено кривично дело по член 297-а од Кривичниот законик, односно „безобѕирно управување со моторно возило“.
Од СВР Скопје најавуваат дека сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредните денови и апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите.