Македонија

17 пожари на отворен простор регистрирани до 13 часот, 11 сè уште активни

17 пожари на отворен простор регистрирани до 13 часот, 11 сè уште активни

Зголемен број пожари на отворен простор се регистрирани во текот на денешниот ден, а најголем дел од нив сè уште се активни. Центарот за управување со кризи информира дека до 13:00 часот се евидентирани вкупно 17 пожари, од кои 11 се активни, три се под контрола, а три се целосно изгаснати.

Најголем број активни пожари има во прилепскиот регион, но огнени жаришта има и во повеќе други општини низ земјата.

11 активни пожари

Во општините Студеничани и Зелениково активен е пожарот што се протега од селото Моране, преку Вртекица и Рамни Габер, со крак кон Палиград и над селото Вражале. Гори мешана шума.

Во Студеничани, активен е и пожарот кај селото Цветово, на стариот пат кон Елово, каде што е зафатена ниска вегетација и шума.

Во Македонски Брод, пожарот во месноста Видуш, кај селата Драгов Дол и Локвица, зафатил ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.

Активни пожари има и во Кичево, кај селото Тајмиште, месност Дарда, каде што гори високостеблеста букова шума, како и во Врапчиште, кај селото Ломница, каде што е зафатена мешана шума.

Во Маврово и Ростуше, активен е пожар кај селото Церово, каде што гори ниска вегетација и нискостеблести растенија. Пожар е активен и во Желино, кај селото Церово, со зафатена ниска вегетација и папрат.

Во прилепскиот регион активни се пожари кај селата Бонче, Мажунчиште и Коњари, каде што е зафатена ниска вегетација и нискостеблести растенија.

Активен пожар е регистриран и во Струмица, кај селото Водоча, каде што гори стрниште.

Три пожари под контрола

Под контрола се пожарите во Прилеп, кај селото Чаниште, со краци кон Крушевица, Лопатица, Дуње и Црна Река, потоа во Липково, кај селото Никуштак, како и во Тетово, кај селото Бродец.

Три пожари изгаснати

Целосно се изгаснати пожарите кај селото Белушино во Крушево, со крак кон Јакреново, пожарот во месноста Стари Лозја во Куманово, како и пожарот на депонијата во Делчево.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни