Повеќе региони во земјава денеска се погодени од пожари на отворен простор, при што најмалку 20 пожари се регистрирани на територијата на државата, а најмалку 11 од нив се активни. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, предупреди дека најалармантна е состојбата во струмичкиот регион.
Најголем ризик во моментов претставува пожарот во атарите на селата Баница и Водоча, во близина на Струмица, кој се приближува до куќите од првиот ред. На терен се пожарникари од Струмица, а дополнително се побарани екипи од Валандово и Радовиш.
Сериозна е состојбата и во Општина Студеничани, каде активниот пожар се движи кон планинското село Цветово. Огнот претставува потенцијална опасност и за објект во кој, според првичните информации, најверојатно има трло.
Активен пожар има и во атарот на село Церово во Општина Желино. Пожарот избувнал вчера и се шири кон ридскиот предел, каде гори нискоквалитетна шума, грмушки и трње. Постои опасност огнот да ги зафати и лозовите насади во реонот, поради што се испраќаат дополнителни противпожарни екипи.
Нови пожари се регистрирани и во Тајмиште во кичевско, Ломница во Општина Врапчиште, како и во подрачјето на Маврово и Ростуше. На овие локации интервенираат припадници на ДЗС, пожарникари и локалното население.
Во прилепскиот регион активни се пожарите кај селата Маџуниште, Коњаре и Бонче. Пожарот кај Бонче е дел од поголемиот мариовски пожар.
Од ДЗС информираат дека состојбата со мариовскиот пожар е подобрена и тој е речиси целосно изгаснат, при што активен останува само кракот кон Бонче. На терен се упатени тимови за брз одговор на ДЗС, составени од доброволци од Битола, Кочани и Виница.
Надлежните продолжуваат со координација на екипите и интервенции на критичните точки, со цел пожарите да бидат ставени под контрола и да се спречи нивно приближување до населени места и објекти.