Голем пожар попладнево се прошири во атарите на селата Баница и Водоча и месноста Софилар, при што огнената линија стигна до првите куќи. Надлежните екипи се на терен и преземаат мерки за ставање на пожарот под контрола.
Градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, преку објава на „Фејсбук“ информираше дека сите расположливи ресурси се ангажирани во справувањето со огнената стихија.
„Ве повикувам да останете смирени бидејќи сите кои во моментов се на терен се координирани и работат согласно ситуацијата, а сите конкретни информации ќе бидат споделени официјално“, порача Јанков.
Во гаснењето на пожарот се вклучени пожарникари од Струмица, како и екипи од Валандово и Радовиш. Во интервенцијата бил ангажиран и еден ер-трактор.
Од Општина Струмица апелираат до граѓаните во следните денови да бидат особено внимателни поради високите температури и зголемената опасност од ширење пожари. Се препорачува да се избегнуваат активности кои можат да предизвикаат пожар на отворен простор.
Според информации објавени во дел од медиумите, неколку жители кои вдишале чад за време на гаснењето побарале лекарска помош.
Надлежните служби продолжуваат со интервенцијата на терен, а дополнителни информации за состојбата се очекуваат по завршувањето на активностите.