Студентите кои ги исполнуваат условите од годинава ќе можат да аплицираат за субвенциониран студентски оброк, а Министерството за образование и наука го објави јавниот повик за академската 2026/2027 година.
Право на финансиската поддршка имаат државјани на Македонија кои се редовни студенти на прв или втор циклус студии, како и студенти на интегрирани студии на државните и приватните универзитети.
Еден од условите е студентот да нема месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во државата за тековната година.
Пријавувањето се врши електронски преку платформата на Министерството за образование и наука, каде кандидатите треба да ги пополнат и потпишат пријавата за стекнување право на субвенциониран студентски оброк и изјавата за точност на внесените податоци, по што документите треба да се прикачат кон електронската апликација.
Рокот за пријавување за тековните студенти, како и за оние кои ќе се запишат и ќе стекнат статус на студенти во академската 2026/2027 година, е од 26 до 31 август 2026 година.
Од октомври, пак, студентите кои не го оствариле правото по јавниот повик или на кои им престанало поради неисполнување на некој од условите, ќе можат повторно да аплицираат. Рокот за тоа ќе биде од 1 до 5 во секој месец од академската година, доколку повторно ги исполнуваат критериумите.
Субвенционираниот студентски оброк претставува финансиска поддршка од 140 денари, наменета за купување приготвена храна. Правото може да се користи од понеделник до сабота.
Доколку студентот не ја искористи субвенцијата во текот на неделата, средствата ќе му бидат достапни на сметката до крајот на тековната седмица, односно до сабота.
Од МОН информираат дека средствата за студентскиот оброк ќе се исплаќаат преку Шпаркасе банка АД Скопје. Студентите кои ќе го остварат правото ќе треба да потпишат договор со банката за отворање посебна сметка поврзана со наменска платежна картичка за субвенциониран студентски оброк, без оглед на тоа дали претходно биле клиенти на банката.
Рокот и начинот на подигнување на картичките дополнително ќе бидат објавени од МОН и Шпаркасе банка.
Средствата почнуваат да се исплаќаат во месецот што следува по завршувањето на месецот во кој студентот се пријавил и го стекнал правото на субвенциониран оброк.
МОН информира дека дополнителни информации за условите и начинот на аплицирање се достапни во јавниот повик, а за прашања околу пријавувањето студентите можат да се обратат до Секторот за ученички и студентски стандард или на електронската адреса subvencioniran.obrok@mon.gov.mk.