Македонија

Западнонилска треска: Потврдени 44 случаи, пет лица починаа

Западнонилска треска: Потврдени 44 случаи, пет лица починаа

Министерот за здравство Сашо Клековски денеска ја посети Клиниката за инфективни болести и Институтот за јавно здравје, каде се запозна со состојбата и капацитетите со кои располагаат установите во справувањето со епидемијата на западнонилска треска.

Клековски оствари средба со медицинскиот персонал кој е директно вклучен во третманот и следењето на пациентите, при што изврши увид во капацитетите за хоспитализација, кадровската екипираност и достапноста на лабораториски реагенси за дијагностика.

„Системот е подготвен и здравствените работници ја имаат нашата целосна поддршка во справувањето со западнонилската треска како јавноздравствен предизвик“, истакна Клековски.

Според последните податоци, досега се потврдени 44 случаи на западнонилска треска, од кои 43 пациенти се хоспитализирани. Кај најголем дел од заболените е регистрирана невроинвазивна форма на болеста.

Министерот упати апел до граѓаните да не ги игнорираат симптомите и навреме да побараат медицинска помош.

„Доколку забележат симптоми како висока температура, вкочанет врат, дезориентација, слабост или грчеви, веднаш да се јават кај својот матичен лекар“, порача Клековски.

Од почетокот на епидемијата досега, 21 пациент е отпуштен од болница и упатен на домашно лекување, додека денеска се очекува да бидат отпуштени уште четворица пациенти. Во истиот период, пет лица починале.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни