Македонија

Порибување на Охридското Езеро: Два милиони пастрмка коран пуштени кај Поградец

Порибување на Охридското Езеро: Два милиони пастрмка коран пуштени кај Поградец

Охридското Езеро викендов беше збогатено со два милиони единки пастрмка коран, кои беа пуштени во водите кај Поградец, Албанија. Акцијата е дел од традиционалниот Фестивал на коранот, чија цел е заштита на ендемскиот вид, збогатување на рибниот фонд и зачувување на биодиверзитетот на езерото.

Од Општина Поградец информираат дека порибувањето е една од активностите со кои се промовираат природното богатство на Охридското Езеро, рибарската традиција и локалната гастрономија.

Заменик-министерот за земјоделство и рурален развој на Албанија, Арјан Јауплари, посочи дека годинава во езерото се пуштени два милиони коран и ја нагласи потребата ваквите активности да продолжат и во иднина.

Особено значајна е најавата дека слична акција ќе биде реализирана и од македонска страна, со што би продолжило заедничкото збогатување на рибниот фонд на Охридското Езеро.

„Иста ваква акција е најавена и од македонска страна, што значи продолжување со збогатување на водите на Охридското Езеро, со цел да се заштити и збогати биодиверзитетот на езерото што се наоѓа помеѓу нашите две земји“, изјави Јауплари.

Претставниците на рибарското здружение во Поградец изразиле оптимизам дека порибувањето ќе има позитивен ефект врз зголемувањето на рибниот фонд.

Покрај порибувањето, Фестивалот на коранот понуди и презентација на традиционалната гастрономија на Поградец. На шеталиштето покрај езерото рестораните и локалните готвачи подготвуваа специјалитети од традиционалната кујна, меѓу кои и чорбата од коран, која е едно од препознатливите јадења за туристите.

Фестивалот има за цел да придонесе за зачувување на коранот како ендемски вид, заштита на природното богатство на Охридското Езеро, но и за развој на рибарството и гастрономскиот туризам во Поградец.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни