Македонија

Финансиската полиција поднесе кривична пријава против сопственик на фирма: Се сомничи дека оштетил доверители и Буџетот за над 23 милиони денари

Финансиската полиција поднесе кривична пријава против сопственик на фирма: Се сомничи дека оштетил доверители и Буџетот за над 23 милиони денари

Управа за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против В.Р., управител и сопственик на правно лице, како и против самата компанија, поради сомнение за даночно затајување и оштетување или повластување на доверители.

Според пријавата, В.Р. во периодот од 2019 до 2020 година, иако бил свесен дека компанијата е неспособна за плаќање и дека ѝ претстои стечај, со намера да се стекне со противправна имотна корист и да ги оштети доверителите, го намалил имотот од кој тие можеле да ги намируваат своите побарувања.

Финансиската полиција наведува дека тој присвоил 10 возила во вредност од 69.719.484 денари, скутери во вредност од 545.000 денари и трговска стока вредна 4.457.322 денари.

За овие средства, според наводите, немало соодветна документација, а тие не биле пронајдени од стечајниот управник и поради тоа не станале дел од стечајната маса.

Како последица, побарувањата на доверителите во вкупен износ од 12.069.922 денари останале целосно ненамирени. Од оваа сума, 1.179.059 денари се побарувања на Управата за јавни приходи.

Подигнал над 53 милиони денари во готово

Дополнително, финансиската полиција го товари В.Р. дека во периодот од 2011 до 2019 година подигнал 53.872.587 денари во готово, прикажани како „материјални и патни трошоци“.

Според пријавата, за исплатите немало доставено документација со која би се потврдила нивната економска оправданост, како договори, фактури, испратници, сметкопотврди и друга документација.

Надлежните се сомневаат дека парите биле присвоени за лична корист, при што не биле пресметани и платени данок на добивка во износ од 5.387.259 денари и данок на личен доход од 5.985.244 денари.

Со сите наведени дејствија, според Финансиската полиција, преку правното лице В.Р. се стекнал со противправна имотна корист и го оштетил Буџетот на Северна Македонија за вкупно 23.442.425 денари.

Против пријавеното лице и правното лице ќе следува постапка пред надлежното обвинителство. Наводите од кривичната пријава претставуваат сомневања, а евентуалната одговорност ќе се утврдува во понатамошната постапка.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни