Македонија

Нов моторички парк на Водно – паднатите дрвја добија нова намена

Нов моторички парк на Водно – паднатите дрвја добија нова намена

Водно добива нова содржина за рекреација и спорт, откако на планината е изграден нов моторички парк од здравите стебла на дрвјата кои паднаа во силното невреме што неодамна го зафати Скопје.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека паднатите дрвја наместо да завршат како отпад, биле искористени за создавање нов простор наменет за сите генерации.

Според Ѓорѓиевски, моторичкиот парк е уреден со природни препреки и реквизити преку кои посетителите ќе можат да ја подобрат рамнотежата, координацијата, агилноста, прецизноста и физичката подготвеност.

Паркот е наменет за различни возрасни групи. Децата преку игра ќе можат да ги развиваат моторичките способности, додека младите и возрасните ќе имаат простор за вежбање, рекреација и поминување време во природа.

„Наместо отпад, создадовме нова вредност. Наместо уништени стебла, создадовме простор исполнет со движење, енергија и живот“, порача Ѓорѓиевски.

Најавено е дека вакви моторички паркови ќе бидат изградени и во Парк-шумата Гази Баба и во Сарај.

Паралелно со уредувањето на просторот, на местата каде што биле отстранети паднатите дрвја веќе се засадуваат нови садници. Од Град Скопје најавуваат и голема есенска акција за пошумување, која треба да започне во втората половина на септември.

Во рамки на активностите за уредување на Водно, според најавата на Ѓорѓиевски, реконструиран е и патот до Средно Водно, а се уредуваат патеките и се обновува урбаната опрема.

Дополнително, на Водно и Матка веќе функционира Планинската спасителна служба, со цел да се овозможат побрзи интервенции и поголема безбедност за посетителите на овие излетнички и рекреативни места.

Ѓорѓиевски порача дека целта е Водно да биде безбедно, уредено и зелено место со содржини достапни за сите генерации.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни