Македонија

Забрана за риболов и пловидба на Мавровското Езеро до 7 септември

Забрана за риболов и пловидба на Мавровското Езеро до 7 септември

Мавровското Езеро во следните две недели ќе биде под посебен режим поради одржувањето на Светското првенство во риболов. Во периодот од 26 август до 7 септември 2026 година забранети се спортскиот, рекреативниот и сите други видови риболов, како и употребата на пловни средства.

Од Јавното претпријатие Национален парк „Маврово“ информираат дека мерката ќе важи до целосното завршување на светското првенство.

Забраната е воведена со цел да се обезбеди заштита на рибите кои специјално биле пуштени во езерото за потребите на натпреварот. Станува збор за официјален спортски настан од највисок ранг во рамките на FIPSed.

Во истиот период е забранета и пловидбата, односно употребата на сите видови пловни средства на Мавровското Езеро.

Од ограничувањето се изземени пловилата на полицијата, спасувачките служби и другите надлежни институции, но само кога нивната употреба е неопходна за безбедноста, контролата или организацијата на првенството.

Националниот парк „Маврово“ ги повикува спортските риболовци, посетителите и сите други корисници на езерото да ги почитуваат мерките и да не вршат активности кои се спротивни на забраната во наведениот период.

Мерките ќе останат во сила до 7 септември, односно до целосното завршување на натпреварувањето.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни