Министерот за здравство Сашо Клековски информираше за актуелната состојба со пациентите кои се лекуваат од нервноинвазивна форма на заболувањето, при што посочи дека во моментов во Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани 21 пациент.
Од нив, кај 18 лица заболувањето е лабораториски потврдено, додека за тројца пациенти сè уште се очекуваат резултатите од тестирањата.
„Од овие во Клиниката за инфективни болести, 25 се излекувани и отпуштени дома, пет се смртни случаи, за жал, и имаме 21 што се во моментот хоспитализирани – 18 потврдени и три се чекаат резултатите од тестовите“, изјави Клековски.
Тој посочи дека од вкупно 21 хоспитализиран пациент, шест се на интензивно лекување.
Според министерот, дел од пациентите со нервноинвазивна форма биле или сè уште се лекуваат во Клиниката за инфективни болести, додека еден пациент се лекува во приватна здравствена установа.
Клековски појасни и дека бројот на потврдени случаи не треба да се толкува како број на новозаболени во истиот ден. Како пример го посочи вчерашното евидентирање на шест случаи.
„Вчера имавме шест нови случаи, меѓутоа тие не се нови случаи, туку се само потврдени лабораториски случаи“, нагласи министерот.
Тој додаде дека податоците за хоспитализациите и лабораториските потврди се менуваат во моментот на известувањето, поради што е потребно внимателно да се сумираат резултатите и да се прави разлика меѓу новозаболени и дополнително лабораториски потврдени случаи.