Пожар избувнал во текот на вчерашната вечер во котларата на хотелот „Вила Бисера“ во охридската населба Лагадин. Огнот бил локализиран пред да се прошири, а од СВР Охрид за 4NEWS велат дека во случајот нема значителни последици.
„Има пријава, ама нема значителни последици. Котларот го изгаснал, дошла пожарна подоцна, но нема информација дали интервенирала“, велат од СВР Охрид за 4NEWS.
Според информациите од терен, пожарот го забележал и го изгаснал хаусмајсторот, односно вработен во хотелот. Поради непристапниот терен, големото противпожарно возило не можело директно да стигне до објектот, па пожарникарите биле принудени да користат џип за пристап до локацијата.
Хотелот се наоѓа во повисокиот дел на Лагадин, каде што доминираат приватни куќи и викендички, а до објектот се стигнува преку тесни и стрмни улички. Според очевидци кои испратиле видео од настанот, големото противпожарно возило имало проблем уште при влезот во населбата и не можело непречено да се приклучи од регионалниот пат кон улиците во Лагадин.
Првичните информации укажуваат дека најверојатна причина за пожарот е техничка неисправност, но дополнителните околности треба да бидат утврдени.
Случајот повторно го отвори прашањето за пристапноста на дел од населбата за интервентните служби. Заменик-командирот на Територијалната противпожарна единица Охрид, Коста Кузмановски, неодамна посочи дека пожарникарите често се соочуваат со тесни улици и непрописно паркирани возила кои го отежнуваат пристапот.
„Постојано се соочуваме со вакви проблеми, особено во стариот дел на градот и во населбата Гоце Делчев, каде тесните улици и непрописно паркираните возила можат сериозно да го отежнат пристапот на противпожарните возила“, изјави Кузмановски.
Од противпожарната единица апелираат граѓаните да внимаваат каде ги оставаат возилата и да не ги блокираат улиците и пристапите, особено во туристичките населби каде во летниот период бројот на возила значително се зголемува.
Пожарот во „Вила Бисера“ се случува само два дена по протестот на жители и екоактивисти од Лагадин, кои преку повремени блокади на регионалниот пат Охрид – Свети Наум алармираа за последиците од, како што велат, неконтролираната урбанизација и непланското градење на сместувачки капацитети.
Со хотелот „Вила Бисера“ е поврзан и случај од 2019 година, кога жители на здружението „Стар Лагадин“ реагирале дека сопственикот при градежни активности го затрупувал поројното корито што минува низ населбата.
По извршен инспекциски увид било констатирано дека коритото било затворено во должина од околу 60 до 70 метри, а на дел од трасата бил изграден и објект. Општината тогаш побарала враќање на коритото во првобитната состојба, а во јули 2019 година било соопштено и дека против сопственикот е поднесена кривична пријава до ОЈО Охрид.
Од тогаш нема информации за конечна разрешница на овој случај.