Екстремно високите температури и долготрајниот недостиг на врнежи предизвикаа драматично намалување на водостоите на реките во Босна и Херцеговина. На одделни места речните корита се речиси целосно пресушени, а експертите предупредуваат дека последиците може да се почувствуваат многу подолго од актуелниот сушен период.
Состојбата е особено загрижувачка кај реката Босна, која во близина на Зеница е со исклучително низок водостој. Локалните жители велат дека не паметат реката да била толку плитка.
Долготрајната суша не влијае само врз површинските води. Недостигот од врнежи се одразува и врз изворите и подземните водни резерви, чието обновување може да трае значително подолго.
Хидрологот Муриз Спахиќ предупредува дека подземните резерви, иако често се сметаат за неисцрпен ресурс, исто така се трошат и мора континуирано да се обновуваат.
Особено сериозни може да бидат последиците врз природата. На дел од водотеците веќе е прекинат континуираниот речен тек, со што се нарушуваат условите за опстанок на бројни растителни и животински видови.
Екологот Измир Смајиќ посочува дека нарушувањето на само еден дел од речниот екосистем може да предизвика пошироки последици и да го загрози целиот синџир на исхрана.
Иако се очекуваат врнежи, експертите предупредуваат дека краткотрајните дождови нема веднаш да го надоместат водниот дефицит создаван со недели. За вистинско закрепнување на реките и подземните резерви потребен е подолг период со значителни врнежи.
Состојбата во БиХ уште еднаш го отвора прашањето за последиците од сè почестите сушни периоди и екстремните температури врз водните ресурси и природните екосистеми.