Две жени од Куманово и петмина банкарски службеници заработија кривични пријави поради сомнение дека преку злоупотреба на лични податоци и незаконско подигнување кредити оштетиле повеќе граѓани за вкупно 12.221.500 денари.
Како што информираат од СВР Куманово, кривични пријави се поднесени против А.С.Д. (23) и М.В. (35), осомничени за измама и злоупотреба на лични податоци, како и против петмина вработени во филијала на банка, осомничени за злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Според полицијата, во периодот од јануари до јули 2026 година, првопријавената во 18 наврати, без знаење и согласност на граѓаните, ги користела нивните лични податоци за да аплицира за брзи потрошувачки кредити во нивно име.
Откако кредитите биле одобрени и исплатени, паричните средства, според сомневањата, противправно ги присвојувале двете жени.
Во реализацијата на измамата, како што се сомнева полицијата, учествувале и петмината банкарски службеници, кои со злоупотреба на својата службена положба овозможиле одобрување на кредитите и располагање со парите.
На овој начин, според поднесената кривична пријава, двете кумановки се стекнале со противправна имотна корист од 12.221.500 денари, на штета на повеќе граѓани чии лични податоци биле злоупотребени.