Македонија

Мртвиот гавран најден во Ресен е заразен со западнонилски вирус, вели Клековски

Мртвиот гавран најден во Ресен е заразен со западнонилски вирус, вели Клековски

Агенцијата за храна и ветеринарство потврди присуство на западнонилскиот вирус кај мртов гавран пронајден во паркот покрај општинската зграда во Ресен.

Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека овој наод укажува на локална циркулација на вирусот. „Гавранот е вообичаено стационарна птица, односно не е преселница, па затоа пронаоѓањето на мртов примерок со вирус на западнонилска треска е силен показател дека вирусот циркулира локално“, рече Клековски.

Тој посочи дека веднаш биле известени Центарот за јавно здравје – Битола и градоначалникот на Општина Ресен. Се очекува да се изврши ревизија на плановите за прскање против комарци и да се започне со таргетирано прскање според индикација.

На веб-страницата хелталерт.мк, за која министерот најави редовно објавување податоци за заразените со вирусот, засега не е евидентиран заболен од Ресен.

Гавранот од Ресен е втора потврдена мртва птица со западнонилски вирус. Првиот случај беше регистриран во централното подрачје на Скопје, покрај Вардар.

Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека ги засилува теренските активности за утврдување на епидемиолошката состојба со западнонилската треска кај живината и дивите птици, преку лабораториско тестирање на земени мостри.

Активниот надзор ќе се спроведува на целата територија на државата и ќе опфати живина од видовите кокошки, мисирки, бисерки, фазани, еребици, потполошки и ноеви, како и диви птици од видовите гуски, патки, лебеди, штркови, чапли, соколи, галеби, страчки, бувови, корморани, јастреби и други.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни