Македонија

Мицкоски: Намалувањето на цените важи за целиот училишен прибор

Мицкоски: Намалувањето на цените важи за целиот училишен прибор

Родителите ќе можат да очекуваат пониски цени за набавката на училишниот прибор пред почетокот на новата учебна година. Владината мерка за намалување на цените се однесува на целиот асортиман на училишен прибор, појасни денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски посочи дека со одлуката се предвидува намалување на цените за 10 отсто во трговијата на големо и до 15 отсто во трговијата на мало.

Мерката ги опфаќа сите производи што спаѓаат во категоријата училишен прибор, меѓу кои тетратки, моливи, пенкала, гуми, блокови и ранци.

„Сè што спаѓа во училишен прибор од тетратки, моливи, пенкала, гуми, блокови, ранци, сето тоа е опфатено со оваа одлука и треба јасно да биде означено“, рече Мицкоски.

Владината одлука ќе се применува до 30 септември, односно во периодот кога семејствата имаат зголемени трошоци поради подготовките за новата учебна година.

Според премиерот, целта е преку намалувањето на цените да се намали финансискиот товар за родителите и да се овозможи заштеда во семејните буџети.

„Очекуваме на овој начин пред почетокот на учебната година на родителите да им ги олесниме овие почетни училишни денови, односно да може да се генерира заштеда во семејниот буџет“, изјави Мицкоски.

Во меѓувреме, Државниот пазарен инспекторат спроведува засилени контроли на трговците за да провери дали се почитува владината одлука и дали намалените цени се соодветно означени.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни