Македонија

Предупредување од Галичник: Некој намерно внел дрво и материјали во резервоарот за вода за пиење

Предупредување од Галичник: Некој намерно внел дрво и материјали во резервоарот за вода за пиење

Инцидент со јавниот резервоар за вода за пиење во Галичник предизвика загриженост кај локалното население, откако во него намерно бил внесен дрвен материјал, коноп или друг туѓ предмет. Од Месната заедница Галичник велат дека ваквото постапување е сериозно и недозволиво, особено затоа што резервоарот го користат повеќе семејства.

Од Месната заедница упатија јавно предупредување до лицето кое го сторило дејствието, посочувајќи дека намерното внесување или фрлање материјали во резервоар со вода за пиење може да има сериозни последици доколку водата биде загадена, контаминирана или стане неупотреблива.

Во соопштението се посочува дека ваквото постапување може да биде опфатено со член 219 од Кривичниот законик – „Загадување вода за пиење“, според кој за правење неупотреблива вода за пиење во извори, бунари, цистерни или резервоари е предвидена парична казна или затвор до три години.

Од МЗ Галичник дополнително укажуваат дека, доколку со дејствието е предизвикано значително нарушување на водоснабдувањето и нормалното користење на водата од страна на граѓаните, може да се разгледува и примената на член 291 од Кривичниот законик, кој се однесува на уништување или оштетување јавни инсталации.

Според соопштението, водата за пиење е добро од општ интерес и снабдувањето со вода претставува дејност од јавен интерес, поради што ваквите постапки можат да имаат последици врз поголем број жители.

Фотографиите од инцидентот веќе се доставени до надлежните институции, а од Месната заедница најавија дека во најкраток рок ќе бидат поставени и камери за видеонадзор околу резервоарот.

Оттаму апелираат до граѓаните да не преземаат дејствија со кои би можеле да го загрозат квалитетот на водата и здравјето на населението.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни