Опозициската партија СДСМ побара од надлежните институции да спроведат истрага и да постапат по, како што посочуваат од партијата, законските сомнежи околу влезот на српската медиумска машинерија во земјава, за што вчера предупредија петте национални телевизии и јавниот сервис.
Од СДСМ велат дека со заобиколување на законите, повеќе канали подолг период емитуваат програма без домашна дозвола, а ист модел се подготвува и со „Евроњуз Македонија“ и со влегувањето на групацијата „Ало“.
„Она што се случува е потврда на сè за што СДСМ ја предупредува македонската јавност. Мицкоски, по рецептот на Вучиќ, спроведува операција за медиумски мрак и во Македонија. Тоа е шемата на Организираната криминална група и нивната сестринска СНС. Чекор по чекор се гради инфраструктура за политичко, економско и медиумско влијание на концептот на ‘српски свет’ на Вучиќ, за кој предупреди и Европскиот парламент“, изјави на денешната прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Од партијата дополнително обвинуваат дека со влезот на српската Алта банка во земјава се создава механизам за пренасочување државни средства кон банка поврзана со финансирање и влијание врз медиумите, како и дека се отвора простор и за Алта осигурување. „Следува контрола врз информациите што стигнуваат до македонските граѓани и медиумски мрак. Задолжени се началникот Драган Павловиќ Латас и Ивона Талевска. Кога нема резултати, пари во Буџетот, ниту подобар живот, кога европската перспектива се блокира, потребна е пропаганда и медиумска контрола. Да нема критика, прашања и одговорност, туку само пропаганда“, додаде Кузеска.
Македонската медиумска асоцијација и јавниот сервис МРТ вчера соопштија дека телевизиските канали Арена М1, М2 и М3 Премиум во земјава работат без потребните домашни дозволи, а дека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги неправилно ги третира како странски програмски сервиси.
Од Агенцијата ги отфрлија овие наводи и нагласија дека нема незаконско постапување. Според регулаторот, наведените канали се третираат како странски, а не како домашни програмски сервиси, бидејќи нивниот изворен сигнал не се емитува од територијата на Северна Македонија.