Македонија

8 активни пожари на отворено, три се под контрола

8 активни пожари на отворено, три се под контрола

Осум пожари на отворен простор и натаму се активни низ земјава, додека три се ставени под контрола, информира Центарот за управување со кризи во најновиот пресек на состојбата.

До 18:00 часот на 28 август 2026 година во Македонија биле регистрирани вкупно 20 пожари на отворен простор. Од нив, осум се активни, три се под контрола, а девет се целосно изгаснати.

Активни пожари се регистрирани на повеќе локации:

  • Општина Сарај: кај селото Копаница, каде гори ниска вегетација.
  • Општините Гостивар и Македонски Брод: пожарот од селото Трново во Гостивар се шири кон селата Битово, Заград и Страјане во Македонски Брод. Зафатени се нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат.
  • Општина Чашка: над селото Нежилово, во месноста Сватови, гори ниска вегетација и има зафатено поединечни дрвја.
  • Општина Јегуновце: кај селото Копанце гори мешана шума.
  • Општина Прилеп: активен е пожар над Касарната, каде гори дива депонија и ниска вегетација.
  • Општина Прилеп: пожар е регистриран и кај Старите гробишта, каде гори ниска вегетација.
  • Општина Охрид: меѓу селата Велмеј и Брежани гори ѓубре и ниска вегетација.
  • Општина Прилеп: активно е и жариштето кај селото Црнилиште, каде гори ниска вегетација.

Три пожари под контрола

Под контрола се ставени три пожари. Едниот е на депонијата во Делчево, а вториот кај селото Црквенец, каде гори ниска вегетација.

Третиот пожар се протега на територијата на општините Студеничани и Зелениково, на потегот Моране – Вртекица – Рамни Габер, како и кон селото Палиград, над селата Вражале и Тисовица. Зафатена е мешана шума.

Девет пожари изгаснати

ЦУК информира и дека во текот на денот се изгаснати девет пожари, и тоа во Струмица, Берово, Брвеница, Пласница, Македонски Брод, Бутел и Сарај.

Меѓу локациите каде пожарите се ставени под целосна контрола се селото Банско во Струмица, селото Будинарци во Берово, Милетино во Брвеница, Дворци во Пласница, Девич во Македонски Брод, булеварот „Македонска бригада“ во Бутел и селото Паниќари во Сарај.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни