Македонија

За едно деноноќие приведени 16 возачи за „безобѕирно управување“

За едно деноноќие приведени 16 возачи за „безобѕирно управување“
Фото: 4news.mk

Непочитувањето на сообраќајните правила повторно резултираше со голем број полициски интервенции низ земјава. Во текот на изминатото деноноќие, 16 возачи биле лишени од слобода поради сомнение за „безобѕирно управување со возило“.

Од МВР информираат дека најголем дел од приведените возачи, односно девет лица, управувале возило без положен возачки испит. Од нив, четворица биле затекнати во Скопје, а по еден во Прилеп, Гевгелија, Богданци, Велес и Боговиње.

Четворица возачи биле затекнати како управуваат под дејство на алкохол – по еден во Битола, Македонска Каменица, Кичево и Кавадарци.

Дополнително, двајца возачи управувале возила и покрај тоа што имале изречена мерка забрана за управување со моторно возило. Едниот бил затекнат во Македонски Брод, а другиот во Велес.

Меѓу лишените од слобода е и 39-годишен државјанин на Шведска, кој на автопатот А-1, во близина на Демир Капија, бил евидентиран дека управувал со брзина од 175 километри на час, на делница каде максимално дозволената брзина е 80 километри на час.

Од МВР најавуваат дека по целосното документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Полицијата апелира до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да не управуваат возило без положен возачки испит, со изречена забрана за управување или под дејство на алкохол.

„Сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, апелираат од МВР.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни