Бројот на жртвите во катастрофалниот пожар што го зафати подрачјето на Омиш во Хрватска се зголеми на две. Во КБЦ Сплит починал 78-годишен маж, кој беше тешко повреден во пожарот.
Од болницата соопштија дека, и покрај сите преземени мерки за интензивно лекување и напорите на медицинскиот тим, пациентот роден во 1947 година им подлегнал на тешките повреди здобиени во пожарот.
„И покрај сите преземени мерки за интензивно лекување и напорите на медицинскиот тим, пациентот роден во 1947 година, кој се здоби со тешки повреди во пожарот на подрачјето на Омиш, почина во КБЦ Сплит“, соопштија од болницата.
Од КБЦ Сплит информираат дека и натаму се лекуваат други тешко повредени пациенти на одделот за интензивна нега и дека нивните животи се загрозени. До семејството на починатиот пациент болницата упати сочувство.
Пожарот зафати околу 1.000 хектари
Големиот пожар избувна на 13 август околу 20 часот во шумски предел покрај патот во областа Локва Рогозница. Под влијание на силниот ветер, огнот брзо се проширил кон Омиш, зафаќајќи подрачје долго околу 23 километри и широко до 1,5 километри.
Во пожарот изгореле околу 1.000 хектари, а едно лице било пронајдено мртво во опожареното подрачје во Мала Лука кај Станиќи.
Според податоците на Државното обвинителство, во пожарот биле повредени 38 лица.
Многу повредени со изгореници и повреди на дишните патишта
Голем број од повредените се здобиле со изгореници и повреди на дишните патишта. Дел од најтешко повредените пациенти од Сплит биле префрлени на понатамошно лекување во Клиниката за трауматологија на КБЦ „Сестри на милосрдието“ во Загреб.
Пожарот предизвикал и огромна материјална штета. Според податоците на Сплитско-далматинската жупанија, целосно изгореле 28 куќи, 106 возила и 45 пловни објекти, како и голем број стопански, угостителски и помошни објекти.
Хрватската полиција и Државното обвинителство продолжуваат со истрагата за причините за избувнувањето на пожарот. Со увидот било утврдено местото од каде што започнал огнот, а биле обезбедени и снимки од надзорни камери од погоденото подрачје.