Македонија

Пензиите ќе пораснат до 3,5 проценти, точниот износ ќе се знае во септември

Пензиите ќе пораснат до 3,5 проценти, точниот износ ќе се знае во септември

Пензионерите на почетокот на септември ќе дознаат колкаво ќе биде новото зголемување на пензиите, а првичните пресметки покажуваат раст од околу 3 до 3,5 проценти.

Министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски вечерва во гостување на ТВ Сител посочи дека конкретниот процент ќе биде утврден откако ќе заврши август, кога ќе бидат познати сите параметри потребни за пресметката.

„Се чека да заврши август и веќе следната недела ќе ги имаме параметрите и ќе излеземе со конкретни бројки, бидејќи треба да влезат во исплата на септемвриската пензија што ќе се земе на 1 октомври“, рече Велковски.

Според него, засега останува да важи законското решение според кое пензиите се усогласуваат процентуално. Тој потсети и дека претходно пензиите беа зголемени линеарно за 7.000 денари.

Велковски најави дека евентуални дополнителни интервенции ќе зависат од движењето на економските и другите релевантни параметри во земјата.

„Дали ќе има дополнителни интервенции, согласно политиките и динамиката како ќе се движат одредени параметри во државата, одлуките ќе се носат дополнително. Следното е во март 2027 година. Дотогаш мислам дека има време“, посочи министерот.

И премиерот Христијан Мицкоски претходно најави дека пензиите ќе продолжат да растат согласно законското усогласување.

Тој објасни дека по претходното линеарно зголемување од 7.000 денари, понатамошниот раст ќе се врши според законски утврдените параметри, со цел, како што посочи, да се обезбеди заштита на пензионерите и стабилност на пензискиот систем.

Конкретниот процент на зголемување на пензиите се очекува да биде соопштен на почетокот на септември, по завршувањето на пресметките.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни