По тешката ноќ и повеќечасовната борба со огнената стихија, пожарот на Пелистер е целосно локализиран. Сепак, опасноста од негово повторно активирање и ширење останува голема и во значителна мера ќе зависи од временските услови.
Во текот на ноќта на терен дејствуваа екипи на Националниот парк „Пелистер“, Територијалната противпожарна единица Битола, Доброволното противпожарно друштво „Архангел“, како и механизација на јавните претпријатија од Битола.
За време на интервенцијата биле повредени двајца припадници на единиците што учествувале во гаснењето. Според информациите од терен, нивната здравствена состојба е стабилна.
И покрај локализирањето на пожарот, екипите остануваат на терен поради ризикот огнот повторно да се активира. Во гаснењето денеска е вклучен и армиски хеликоптер, кој обезбедува воздушна поддршка на единиците распоредени на критичните точки.
Во текот на денот се очекува на терен да пристигнат и припадници на Доброволното противпожарно друштво Кочани, како и двата „Ер трактор“ авиони, со што дополнително ќе бидат засилени капацитетите за справување со пожарот.
Надлежните остануваат во состојба на зголемена готовност, бидејќи временските услови ќе бидат клучни за тоа дали локализираниот пожар ќе остане под контрола.