Македонија

Возачот на ЈСП во пламен го возел автобусот за да го однесе на безбедна локација каде нема да зафати шума

Возачот на ЈСП во пламен го возел автобусот за да го однесе на безбедна локација каде нема да зафати шума

Автобус на ЈСП Скопје, кој сообраќал на линијата број 25 кон Водно, бил зафатен од пожар, но во инцидентот нема повредени лица, информираат од јавното сообраќајно претпријатие.

Според ЈСП, возачот на автобусот реагирал брзо и присебно и веднаш ги презел неопходните мерки, со што биле спречени посериозни последици, поголема материјална штета и ширење на огнот кон околината.

„Во мигови кога секоја секунда е драгоцена, возачот реагирал брзо, присебно и одговорно“, наведуваат од ЈСП, од каде што му изразија благодарност за покажаната храброст, смиреност и професионалност.

Од претпријатието нагласуваат дека пожарот не ја зафатил парк-шумата „Водно“ и дека била спречена опасноста огнот да се прошири кон шумскиот предел.

Надлежните служби веќе вршат проверки за да се утврдат околностите и точната причина за избувнувањето на пожарот.

Од ЈСП најавуваат дека по завршувањето на проверките јавноста ќе биде информирана за причините за инцидентот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни