Македонија

Пронајдена 37-годишната бугарка која исчезна на Шар Планина

Пронајдена 37-годишната бугарка  која исчезна на Шар Планина

Триесет и седумгодишната бугарска државјанка, која синоќа беше пријавена за исчезната на Шар Планина, денеска е пронајдена жива и во добра здравствена состојба.

Исчезнувањето било пријавено во Полициската станица Попова Шапка, откако жената, која била дел од група од четворица странски државјани упатени кон Титов Врв, не се вратила заедно со останатите членови на групата.

Трите лица се вратиле во вечерните часови, по што било констатирано дека 37-годишната жена не е со нив и дека немаат информации за нејзината локација. Веднаш по пријавувањето била започната потрага.

Центарот за управување со кризи ја координирал акцијата со надлежните институции и екипите на терен.

Во потрагата биле вклучени припадници на Специјалните единици од Скопје, ПС Попова Шапка, ЈУНП „Шар Планина“ и Дирекцијата за заштита и спасување – Подрачно одделение Тетово.

Биле употребени и два дрона со термални камери, а во акцијата учествувале и полициски хеликоптер „Бел 212“ и спасувачки тим од Специјалната антитерористичка единица „Тигар“.

По повеќечасовната потрага, жената денеска во 14:50 часот била пронајдена во селото Горна Лешница.

Според информациите од надлежните институции, таа е во добра здравствена состојба.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни