Македонија

Нови сведоштва на судењето за серијата убиства во Старо Нагоричане

Нови сведоштва на судењето за серијата убиства во Старо Нагоричане

Во Основниот суд во Куманово денеска продолжи судскиот процес против 25-годишниот Трајко Бојковски од селото Драгоманце, кој е обвинет за четири убиства и два обиди за убиство на жени во повеќе села во Општина Старо Нагоричане. На денешното рочиште сведочеа две повозрасни жени од селото Челопек, кои според обвинението биле нападнати во своите домови.

Пред судот своите искуства ги раскажаа 87-годишната Росанда Трајковска и 83-годишната Слоботка Арсовска. За двете жени сведочењето било особено тешко и трауматично, имајќи ги предвид нивната возраст и здравствената состојба.

Трајковска сведочеше за нападот што, според нејзиниот исказ, се случил на 9 февруари 2025 година во нејзиниот дом, додека гледала телевизија. Таа кажа дека не го познавала Бојковски претходно и дека тој ненадејно влегол во просторијата, по што ја нападнал.

Според нејзиното сведочење, напаѓачот ја удирал по главата со раце и со телефон, при што се здобила со повреди и крварење. Таа пред судот кажа и дека се обидел да ја соблече, но бил спречен откако нешто го вознемирило, по што избегал од куќата.

Втората сведок, 83-годишната Арсовска, раскажа дека Бојковски го познавала од порано и дека во нејзиниот дом влегол во текот на ноќта, на 22 јули, околу еден часот по полноќ.

Таа пред судот сведочеше дека откако го прашала што бара во куќата, тој без одговор почнал физички да ја напаѓа. Откако паднала, според нејзиниот исказ, легнал врз неа и почнал да ја дави. Жената успеала да го повика својот син, по што напаѓачот се исплашил и побегнал. Арсовска во судницата го препознала обвинетиот и посочила дека токму тој ја нападнал.

Обвинителот Љубомир Лапе по рочиштето оцени дека исказите на двете жени во суштина се совпаѓаат со нивните претходни сведочења дадени во обвинителството, иако имало одредени помали разлики во деталите.

Одбраната, пак, побара на следното рочиште да бидат повикани тројцата психијатри кои го изготвиле вештачењето за обвинетиот. Адвокатот Тони Цветковски сака вештите лица да се произнесат за психолошкиот профил на Бојковски и проценката дека постои висок ризик од повторување на кривични дела.

Според адвокатот, целта е да се утврди дали постојат услови за изрекување соодветна безбедносна мерка, односно лекување во психијатриска установа, со која би се намалил ризикот од повторување на делото.

Бојковски, според обвинението, се товари дека од ниски побуди убил четири жени и се обидел да убие уште две. Обвинителството како мотив ја наведува некрофилијата и тврди дека обвинетиот ги избирал жртвите меѓу постари и немоќни жени кои ги познавал, ги напаѓал и ги усмртувал, а потоа сексуално ги злоупотребувал нивните тела.

Судењето продолжува, а на наредното рочиште се очекува да бидат сослушани вештите лица и да се разгледаат дополнителните докази предложени во постапката.

ФОТО: СДК.МК

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни