Случај што ја вознемири грчката јавност се истражува во Атина, откако во стан во населбата Кипсели било пронајдено тело на бебе, сокриено во сад кој бил ставен во куфер. Според првичните проценки, станувало збор за бебе на возраст од околу осум до девет месеци.
Телото било откриено доцна синоќа во стан за краткорочно изнајмување, откако сопственикот ја известил полицијата дека станарите не ја платиле киријата и дека постои сомнеж за употреба на дрога.
При претресот, полицајците во еден од куферите пронашле сад во кој било скриено телото на бебето.
Обдукцијата покажала дека новороденчето имало повеќекратни тешки повреди нанесени со остар предмет, кои биле причина за смртта. Поради состојбата во која било пронајдено телото, засега не може со сигурност да се утврдат ниту точната возраст на бебето, ниту кога настапила смртта.
Во станот престојувале шест лица – еден Грк, Германка, 26-годишен Авганистанец и три малолетни деца. Меѓу нив било и 15-годишно бремено девојче, како и две момчиња на возраст од девет и 12 години.
Според грчките медиуми, Германката пред полицијата изјавила дека бебето било нејзино и дека починало пред неколку месеци. Авганистанецот, пак, навел дека е партнер на 15-годишното девојче.
Тројцата возрасни биле приведени поради сомнежи поврзани со поседување и употреба на дрога, додека истрагата продолжува за да се утврдат сите околности околу смртта на бебето.
Трите деца, по наредба на јавен обвинител, биле згрижени во детска болница. Грчките медиуми објавија дека кај две од нив биле откриени сексуално преносливи инфекции.
Претседателот на Грчката федерација на вработените во јавните болници, Михаилис Јанакос, изјавил дека децата се во лоша физичка и психичка состојба и изразил сомнеж дека можеби биле жртви на сексуална злоупотреба. Сепак, овие наводи засега не се потврдени од надлежните институции.
Полицијата проверува и друг стан во кој дел од лицата престојувале претходно. Истрагата треба да даде одговор на клучните прашања – кому му припаѓало бебето, кога и како починало, кој е одговорен за неговата смрт и дали малолетните лица биле изложени на насилство или злоупотреба.