Подобри услови за пациентите и медицинскиот персонал, но и значително поефикасно користење на енергијата треба да донесе реконструкцијата на ЈЗУ Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација во Скопје.
За реализација на проектот, вреден 92,7 милиони денари без ДДВ, е потпишан договор за грант меѓу Министерството за финансии и Министерството за здравство. Средствата се обезбедени преку грант од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, како и преку инвестициски грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
Проектот ќе се реализира преку Проектната единица при Министерството за финансии и е дел од компонентата која предвидува реконструкција и воведување мерки за енергетска ефикасност во објекти на централната власт и јавните здравствени установи.
Реконструкцијата ќе опфати осум меѓусебно поврзани објекти, со вкупна грејна површина од 7.247 квадратни метри.
Предвидени се повеќе градежни и енергетски интервенции, меѓу кои поставување термичка изолација на фасадите и крововите, замена на старата столарија со енергетски ефикасна, санација на делови од објектите и санитарните јазли, како и поставување современо LED-осветлување.
Ќе се модернизираат и системите за греење и ладење преку инсталирање високоефикасни топлински пумпи и вентилаторски конвектори. Со новото решение ќе се замени досегашното греење на мазут, што се очекува да придонесе за намалување на потрошувачката на енергија и трошоците за функционирање на Клиниката, како и за помало влијание врз животната средина.
Од реализацијата на проектот се очекува подобрување на енергетските карактеристики на објектите, но и создавање посовремена и пофункционална средина за пациентите и здравствените работници.
Реконструкцијата е дел од пошироките активности за модернизација на јавната здравствена инфраструктура и зголемување на енергетската ефикасност на јавните објекти, со цел поефикасно користење на јавните средства и подобрување на квалитетот на јавните услуги.