Пожар избувнал во тетовското село Гајре откако 55-годишен жител, чистејќи го својот имот од сува трева и нискостеблеста шума, запалил оган кој набрзо се проширил на поголема површина.
Од МВР информираат дека Р.С. од село Гајре бил лишен од слобода на 8 септември околу 9:30 часот од страна на полициски службеници од Полициското одделение Попова Шапка.
Според пријавеното, инцидентот се случил на местото викано „Мала Зецка“, под селото Гајре. При чистењето на имотот, лицето запалило оган, по што пламените јазици се прошириле и зафатиле поголема површина.
Пожарот бил локализиран и изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Тетово и вработени во Шумското стопанство. Во инцидентот нема повредени лица.
По целосното документирање на случајот, против 55-годишникот ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „Предизвикување општа опасност“.