Breaking Процес Брдо-Бриони во Охрид
Македонија

Чупиќ и Широка-Пула на иста маса на самитот Брдо-Бриони во Охрид

Чупиќ и Широка-Пула на иста маса на самитот Брдо-Бриони во Охрид
Самит Брдо-Бриони во Охрид (Фото: А. Маркоски / 4NEWS.mk )

Лидерите од регионот денеска во Охрид ќе разговараат за проширувањето на ЕУ

Проширувањето на Европската Унија и реформите што земјите од Западен Балкан треба да ги спроведат за членство се главните теми на 15. самит на Процесот Брдо-Бриони, кој денеска се одржува во Охрид. Домаќинка е претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која ја организира средбата заедно со словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.

Од кабинетот на Пирц Мусар најавуваат дека таа во Охрид ќе побара ЕУ да остане доследна на политиката на проширување, а земјите од регионот да работат на помирување и на решавање на отворените прашања со соседите. Посебно внимание ќе им посвети на младите и на можноста да најдат работа и да градат кариера во својата земја. И регионалната телевизија Н1, во најавата за самитот, ги издвојува вработувањето на младите, поврзувањето на земјите и заштитата на животната средина како теми за кои ќе разговараат лидерите.

Самит Брдо-Бриони во Охрид (Фото: А. Маркоски / 4NEWS.mk )

Порталот „КоССев“ го издвојува учеството на вршителот на должноста претседател на Србија, Александар Чупиќ, и на претседателката на Косово, Јустина Широка-Пула, на истата пленарна седница. На самитот се најавени и претседателите на Албанија и на Црна Гора, Бајрам Бегај и Јаков Милатовиќ, како и тројцата членови на Претседателството на Босна и Херцеговина – Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Даријана Филиповиќ.

Според официјалната програма, пречекот на делегациите во хотелот „Инекс Олгица“ е закажан за 10:45 часот. Пленарната седница ќе трае од 11:00 до 12:30 часот, по што е предвиден еден час за билатерални средби. Пораките од разговорите се очекуваат во 14:30 часот, кога Сиљановска-Давкова, Пирц Мусар и Милановиќ ќе одржат заедничка прес-конференција.

Во Охрид важи и посебен сообраќаен режим. За самитот се најавени засилени безбедносни мерки на патиштата и во градот, а од понеделник е забрането паркирањето на булеварот „Туристичка“.

Екипа на 4news.mk е веќе во Охрид и ги следи сите настани од самитот Брдо-Бриони.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни