Пет пожари на отворен простор и натаму се активни низ земјава, додека четири се ставени под контрола, покажуваат најновите податоци на Центарот за управување со кризи. До 13 часот денеска се регистрирани вкупно 12 пожари, од кои три се целосно изгаснати.
Најсериозна е состојбата во општина Струга, каде што пожарот се движи на потегот од селата Буринец, Локов, Селце и Елевци и зафаќа нискостеблеста шума.
Активен шумски пожар има и во општина Македонски Брод, во близина на селото Белица, на месноста Кајорец кон Брезница, кај репетиторот, каде што гори нискостеблеста и мешана шума.
Во општина Чучер-Сандево активен е пожарот кај селото Брест, на месноста Рамно, каде што е зафатена мешана шума. Пожар е регистриран и во општина Крива Паланка, кај селото Осиче, на местото Рамни Камен, каде што гори борова шума.
Петтиот активен пожар е во општина Гостивар, во селото Печково, каде што огнот зафатил ниска вегетација и нискостеблести растенија.
Под контрола се четири пожари. Во општина Македонски Брод се контролира шумскиот пожар кај селото Бенче, додека во општина Кичево пожарот кај Тајмиште, на месноста Дарда, зафатил ниска вегетација.
Пожар има и кај селото Копаница во општина Сарај, кој е ставен под контрола, како и кај селата Грачани и Никиштани во општина Ѓорче Петров, каде што гори шума.
Во текот на денот се изгаснати три пожари. Во општина Кичево е локализиран шумски пожар над селото Кнежино, на месноста Црн Камен. Изгаснат е и пожарот над селото Стиник во општина Ново Село, каде што гореле шума и ниска вегетација, како и пожарот во Бардовци, општина Карпош, каде што горело ѓубре.
Од ЦУК посочуваат дека состојбата со пожарите се следи континуирано, а надлежните служби се ангажирани на терен за справување со активните пожари.