Уште пред распадот на Југославија и прогласувањето на независноста, во Македонија се воделе разговори за тоа како земјата би можела да се справи со политичката и безбедносната неизвесност што се наѕирала. Првиот министер за одбрана Трајан Гоцевски за 4ТВ открива детали од неформалните средби на кои се разгледувале клучните прашања за иднината на државата.
Според неговото сведоштво, во 1990 и 1991 година се состанувала група составена од интелектуалци, професори, политичари, генерали, дипломати и други јавни личности. Средбите подоцна биле познати како „Форум за Македонија“.
Меѓу учесниците, според белешките на Гоцевски, биле Киро Глигоров, Блаже Ристевски, Стојан Андов, Јордан Поп-Јорданов, Ксенте Богоев, Георги Ефремов, Никола Кљусев, Цветан Грозданов, Денко Малески, Владо Поповски, Крсте Црвенковски и генералот Тошо Танасковски, како и други личности.
На средбите биле разгледувани низа прашања поврзани со можниот распад на југословенската федерација и последиците што тоа би можело да ги има за Македонија.
Меѓу темите за кои се разговарало биле различните модели за разрешување на југословенската криза, идните односи меѓу суверените држави и поделбата на југословенското наследство.
Особено внимание било посветено на функционирањето на идната македонска држава – од финансискиот и монетарниот систем, преку меѓународната и соседската политика, до односите со дијаспората и активностите за обезбедување меѓународно признавање.
На дневен ред биле и прашањата поврзани со безбедноста и одбраната, дипломатијата, формирањето на македонската армија, северната граница, како и статусот на Македонската православна црква.
Гоцевски посочува дека средбите се одржувале во чувствителен период, кога југословенските институции и безбедносниот систем сè уште функционирале. Токму поради тоа, како што сведочи, разговорите се воделе во тесен круг и без официјални записници.
„Сè уште беше тука и сојузната државна администрација, преку Државната безбедност, преку армијата…“, вели Гоцевски.
Според него, неформалниот карактер на средбите бил важен за да може отворено да се разговара за можните сценарија и чекори што Македонија би требало да ги преземе доколку дојде до распад на Југославија.
Така, уште во годините пред независноста, во рамките на овој неформален круг биле отворани прашања кои подоцна станале дел од најважните државни предизвици на Македонија.