Магазин

Осло ги забрани паметните очила во училиштата

Осло ги забрани паметните очила во училиштата

Градот Осло воведе забрана за користење паметни очила во училиштата, со образложение дека учениците треба да бидат заштитени од несакано снимање и собирање податоци. Мерката важи во текот на целиот училишен ден и ги опфаќа сите нивоа на образование во норвешката престолнина.

Заменичката-градоначалничка задолжена за образование, Јулие Ремен Мидтгарден, порача дека властите не сакаат училиштата да станат простор во кој децата несвесно ќе учествуваат во собирањето податоци од страна на технолошките компании.

„Ние, политичките претставници, мора да имаме храброст да бидеме искрени за тоа за што всушност станува збор: една од најбогатите компании во светот пласираше производ чиј деловен модел целосно се темели на тоа дека е невозможно да се знае кога некој ве снима. Во Осло не прифаќаме нашите деца да бидат статисти во собирањето податоци на Мета“, изјави Мидтгарден.

Таа истовремено ја критикуваше норвешката Влада затоа што, според неа, државните институции сè уште само ја разгледуваат можноста за ограничување на функцијата за препознавање лица кај паметните очила.

Мидтгарден оцени дека реакцијата на властите не треба да се одложува бидејќи уредите веќе се достапни на норвешкиот пазар и се користат во училиштата.

„Овие очила веќе се продаваат во Норвешка, денес се користат во училишните дворови низ земјата и проблемот постои сега. Анализирањето на прашањето не значи и дејствување“, нагласи таа.

Паметните очила овозможуваат фотографирање и снимање видеа, телефонски разговори, слушање музика, преведување текстови, прикажување информации и мапи во видното поле, како и користење асистент со вештачка интелигенција. Дополнително, според извештаите, „Мета“ работи и на функција за препознавање лица.

Одлуката во Осло официјално стапила во сила на 27 август, но нејзиното објавување било одложено поради деновите на жалост и политичкиот молк во Норвешка по смртта на кралот Харалд Петти на 28 август.

Со забраната, градските власти испраќаат порака дека употребата на новите технологии во образованието треба да биде проследена со јасни правила за приватноста и заштитата на учениците.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни