Владата денеска на седница ќе донесе одлука за намалување на данокот на додадена вредност за дизел-горивото од 18 на 10 проценти, со цел да се спречи поскапување и да се овозможи намалување на неговата цена, соопшти премиерот Христијан Мицкоски на поставувањето камен-темелник на нова подземна катна гаража и плоштад во Општина Велес.
Тој потсети дека државата веќе има воведено мерки со кои се намалени акцизите за дизелот и за безоловниот бензин. Според него, новата даночна мерка ќе има одредени импликации врз буџетот, но приоритет на Владата е максимална заштита на животниот стандард на граѓаните.
Мицкоски посочи дека Македонија има убедливо најниски цени на горивата во споредба со земјите од регионот. Иако износот од 95 до 100 денари за литар дизел реално не е мал, тој е понизок од цените во потесното и поширокото соседство, каде што истото гориво се плаќа од 150 до 180 денари за литар.
Според последните цени, дизелот оваа недела чини 101 денар за литар.