Свет

Истече рокот, но проблемите останаа: Девет земји не го применуваат целосно ЕЕС

Истече рокот, но проблемите останаа: Девет земји не го применуваат целосно ЕЕС

Иако истече рокот за „вонредна флексибилност“, воведен за полесно справување со новиот европски Систем за влез/излез (ЕЕС), дел од земјите од Шенгенската зона сè уште не се подготвени целосно да ги применуваат биометриските проверки.

Франција, Германија, Италија, Белгија, Холандија, Грција, Малта, Португалија и Швајцарија го информирале Брисел дека имаат проблеми со целосната имплементација на системот. Меѓу причините се технички дефекти, недостиг од персонал и стравувањата дека на границите повторно би можеле да се создадат големи гужви.

Според „Тајмс“, европските власти неформално се согласиле олеснувањата да продолжат и по истекот на рокот, без притоа да биде утврден нов јасен датум.

Земјите уште во јули предупредија на проблеми

Деветте земји уште во јули побарале продолжување на периодот на флексибилност, предупредувајќи дека новиот систем создава сериозни оперативни тешкотии.

Привремениот механизам овозможуваше при голем метеж да се суспендира дел од биометриските проверки. И покрај тоа, влезот и излезот на патниците продолжуваше да се евидентира.

Европската комисија тогаш не најави продолжување на мерката, додека земјите побарале писмени гаранции дека таа ќе остане достапна доколку има потреба.

Сепак, 6 септември помина, а проблемите поради кои беше побарано дополнително време сè уште не се целосно надминати.

Технички проблеми со системот

ЕЕС е наменет за електронска регистрација на патниците од земји надвор од Европската Унија, што ги опфаќа и македонските државјани кои патуваат во земјите од Шенген-зоната.

Системот користи податоци од патните исправи, како и биометриски информации, вклучително и фотографија на лицето и, кога е применливо, отпечатоци од прсти.

Еден од проблемите е комуникацијата меѓу националните системи и централната инфраструктура со која управува „eu-LISA“. Во одредени случаи податоците се собираат, но не се пренесуваат правилно, додека на други места службениците не можат да пристапат до веќе креираните досиеја.

Тоа може да значи дека регистрацијата мора да се започне одново, што дополнително ги продолжува процедурите на граничните премини.

Загриженост и кај транспортниот сектор

На потребата од поголема флексибилност укажува и транспортната индустрија. Авиокомпании, аеродроми и пристанишни оператори предупредуваат дека проблемите со системот можат да предизвикаат застои и нарушувања во патувањата.

Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА) веќе предупреди на сериозни оперативни последици, посочувајќи на технички дефекти на повеќе аеродроми.

Според „Тајмс“, загриженост за функционирањето на системот имало и во Велика Британија. Наводно, еврокомесарот Апостолос Цицикостас уште во текот на летото ја уверил британската министерка Хајди Александер дека по 6 септември примената на ЕЕС нема да биде целосно строга.

За македонските патници тоа значи дека практичната примена на новите процедури може да се разликува од еден до друг граничен премин, особено во деветте земји кои сè уште не се подготвени за целосна примена на системот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни