Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска беше одложено рочиштето во постапката против 13 полициски службеници обвинети за тешки дела против општата безбедност, поврзани со трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“. Причина за одложувањето е неприсуството на сведоците предвидени за денешното рочиште.
Од судот информираа дека дел од поканите до сведоците се вратиле како неуредно доставени или со ознака „не барал“, а за други нема доказ дека се примени. Обвинителката Спасенка Андонова посочи дека еден сведок телефонски потврдил прием на поканата, но навел дека ќе дојде само доколку обезбеди превоз до Скопје.
Судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска најави дека поканите за наредното рочиште ќе бидат доставени преку полициска станица. Доколку сведоците повторно не се појават, ќе бидат применети законски мерки – парични казни и присилно доведување. Следното рочиште е закажано за 21 септември.
По одложувањето, Драги Стојанов, татко на Панче Стојанов, изрази незадоволство од повторното пролонгирање и побара судот да ги искористи сите расположливи механизми. Тој апелираше сведоците уредно да бидат поканети, судот да стапи во контакт со нив за да се утврдат причините за непојавување, а доколку е потребно да се обезбеди и полициска придружба. Стојанов ги повика сведоците да се појават и да ја кажат вистината, без страв и без подлегнување на можни закани и притисоци.
Стојанов додаде дека семејствата се соочуваат со притисоци од бранителите, кои, како што рече, се закануваат со кривични пријави за јавно искажани ставови. Тој порача дека наместо закани, потребни се човечност и разбирање за трагедијата и последиците со кои живеат семејствата.
Тој информираше и дека в среда ќе се одржи марш по повод една и пол година од трагичниот настан, со повик јавноста да даде поддршка, за вакви случаи да не се повторат и младите да се враќаат безбедни од забави.
Судењето е поврзано со тешкиот пожар што избувна на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани, при што загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Според обвинението, полициските службеници кои биле дежурни биле ангажирани и во објектот, но не ја прекинале забавата, ниту спречиле користење пиротехника.