Македонија

ГАК ги отфрла обвинувањата на родилката од Охрид: „Постапено е по протокол, постојат и пишани докази“

ГАК ги отфрла обвинувањата на родилката од Охрид: „Постапено е по протокол, постојат и пишани докази“

Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје соопшти дека ги отфрла обвинувањата што во јавноста ги изнесе родилката од Охрид, нагласувајќи дека во конкретниот случај било постапено согласно протокол. Од Клиниката информираат дека случајот денес бил разгледан од Комисијата за квалитет, при што било утврдено дека постапувањето било спроведено по пропишаните процедури, за што постојат и пишани докази, меѓу кои наоди од прегледи и ординирана терапија.

Од Клиниката дополнително посочуваат дека, и покрај пружената медицинска грижа, пациентката по сопствено барање ја напуштила установата.

„Како институција ја почитуваме приватноста на секој пациент, како и интегритетот и начелата на установата“, наведуваат од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство.

Случајот предизвика внимание во јавноста откако медицинската сестра Љубица Шавреска јавно се обрати до Министерството за здравство и до министерот со лично сведоштво за третманот што, како што тврди, го добила во повеќе здравствени установи додека била во 24+3 гестациска недела, по што бременоста завршила со загуба на плодот. Таа наведе дека од Охрид до Скопје побарувала помош, крварела и трпела силни болки, молејќи за лекарска интервенција.

Надлежните институции најавија дека ќе извршат увид во постапувањето на здравствените установи и медицинскиот персонал поврзано со овој случај.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни